Ѓорчев за Фокус: Бугарија нема да го тргне ветото!

„Судбоносното „не“ на Франција, Холандија и Данска од 2019 година, со кое промена на уставното име беше обесмислена како нешто што за ЕУ нема никакво значење, е наша трајна европска траекторија“.

by Фокус

Уште месец и половина остана до состанокот на Европскиот Совет во јуни, на кој политичките лидери на ЕУ, меѓу другото, треба да одлучат дали ќе дозволат почеток на преговори со Македонија, која е блокирана на тој пат од страна на соседна Бугарија.

По првичниот оптимизам по средбите меѓу новите премиери на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, периодов повторно преовладуваат проценките дека треба да очекуваме негативно сценарио за земјава, особено по отворањето на бугарски културен клуб во Битола што го носи името на контроверзниот Ванчо Михајлов.

Се поизвесно е дека трета година по ред ќе бидеме „извисени“ од Унијата. Сигурен сум дека судбоносното „не“ на Франција, Холандија и Данска на 17-ти октомври 2019 година , со кое „најголемата македонска жртва“ – промена на уставното име, беше обесмислена како нешто што за ЕУ нема никакво значење, е наша трајна европска траекторија – вели поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев.

Во изјава за Фокус, тој посочува дека 13 пати од декември 2005 година, европските влади даваа препораки за отпочнување на преговори на Македонија со Унијата, при што завршна реченица на сите европски препораки беше – решете го спорот со Грција околу уставното име и ќе отпочнете преговори за ваше полноправно членство.

Јас си дозволувам и понатаму да си ја нарекувам мојата држава Македонија, затоа што ветувањето дека по изнудената промена на името, ќе отпочнеме преговори со Унијата, од европските великодостојници не беше почитувана. Тој европски образец за обезвреднување на се што правиме, за да отпочниме преговори со Унијата, треба конечно да биде променет – вели Ѓорчев.

Според него, бугарското вето не треба да не вознемирува, особено ако имаме во предвид дека со Бугарија никогаш не треба да преговараме за македонскиот јазик и историја, а и да не дозволуваме мешање во нашите внатрешни работи.

Едноставно, треба да бидеме свесни дека Бугарија не може да отстапи ниту за милиметар од своите црвени линии во 2018 година, ниту пак ќе го повлече ветото од октомври 2019 година. Затоа, да бидеме тоа што сме. Македонци, со свое јас, со своја култура, историја, идентитет, јазик. Тоа сме ние, тука сме живееле со векови, тоа е нашата земја – вели Ѓорчев.

Тој се осврнува и на бугарскиот клуб со назив Ванчо Михајлов, истакнувајќи дека Бугарија може да го слави Ванчо Михајлов во својата држава, во Рим, каде што тој живееше и се упокои, меѓутоа, како што нагласува, не во Македонија, бидејќи, фашизмот и антифашизмот се две противречни категории.

В.С.

Поврзани новости