Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција рече дека од доаѓањето на СДСМ и Зоран Заев на власт, цената на дизелот во Македонија е зголемена за 30 проценти.
-Ги повикуваме и Зоран Заев како премиер и Драган Тевдовски како министер за финансии веднаш и неодложно да ја укинат акцизата која што ја зголемија од 1 јануари. Затоа што цената на бензините и на дизелот се неиздржливи за граѓаните на Република Македонија. Наследија цена на дизелот за 46 денари, а веќе денес цената на литар дизел е 60 денари. Тоа е зголемување ни помалку ни повеќе од 30 проценти. Значи премиерствувањето и министерувањето на Зоран Заев и Драган Тевдовски ги чини граѓаните на Република Македонија 30 проценти зголемена цена на бензинот и дизелот. Од тие причини веднаш нека ја укинат акцизата која што ја наметнаа, да се однесуваат рационално и да придонесат за растеретување на овие енормни трошоци кои што ги има секое домаќинство во Република Македонија, секое семејство, секоја транспортна фирма и вкупно економијата во целост, рече Ѓорчев.