„Прашањето на демографијата е прашање на нашиот опстанок и битисување кое што е доведено под прашање. Минатата 2023-та година се срушени сите негативни демографски рекорди и тоа значи дека стануваме земја без народ“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на Тв24.
Тој истакна дека минатата власт односно СДСМ и ДУИ е причината поради која што си заминуваа граѓаните од Македонија. Поради лошите политики на СДСМ и ДУИ младите си заминаа од државата.
„Таа гарнитура кога дојде на власт 2016/2017 година наследија 23.000 новородени бебиња, од цела Македонија 23.000 новородени бебиња. А, минатата година имаме 16.000, тоа значи демографска рецесија од 30%“, појасни Ѓорчев.
Тој посочи дека покрај иселувањето, во Македонија се бележи и намален број на стапување во бракови, има намалување на бројката на второ родени деца, дури се бележи и преполовување на бројката на родено трето дете. За жал само расте бројот на разводи, сите социјални патологии се зголемени, има злоупотреби на дроги итн.
„Од 2006-та до 2016-та година Македонија во тие години со сите мерки кои ги преземавме беше единствена земја во која што имаше раст на новородени деца, и тоа од 22.588 на 23.003. Тоа е 2+2,3% зголемување во бројот на новородени деца. А, истовремено сите земји од Португалија преку Шпанија, Италија, Грција, целиот Балкан имаа падови на бројот на новородени деца 10,15 па некои дури од нив и 25%“, потсети Ѓорчев.
„Во тој период бројот на третородени деца од 2008 до 2014-та година е зголемен за 40%. Значи дојдовме некаде до 3.700 третородени деца во Македонија. А, сега бројот на третородени деца во Македонија не е ниту 1.800, а тоа значи дека е преполовено“, рече тој.
Тој напомена дека сака да каже дека со она што и се случи на Македонија изминативе 6-7 години со егзодусот, со епското иселување како никогаш во последниве 100 години, заедно со антисемејните политики, заедно со зулумот кој што и се направи на Македонија, државата е во многу незавидна позиција која што мора што поскоро да се промени.