Во Македонија секојдневно се случува политичка репресија, се случуваат упади во општините и се случуваат масовни притисоци врз кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, врз гласачите и врз цели групи на граѓани, обвини денеска Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Гледаме и сведоци сме дека само денес имаме директен атак и директен упад врз општините Вевчани, Крива Паланка и Берово. Последица на тоа е се поголем револт кај народот а причина за тоа е исплашеноста на СДС и Зоран Заев од поразот на локалните избори кои што им претстои. Револтот кој што го имаат граѓаните на Република Македонија, секојдневно е поголем. Истовремено нервозата и паниката која што валдее во СДС, секој ден е се поголема, рече Ѓорчев.
Тој додаде дека сме биле сведоци на политичка хајка, на репресија од државните органи и менаџирање на пораз кој што ќе се случи на 15 октомври.
-Владата нема легитимитет. Легитимитетот секој ден им паѓа, рејтингот секој ден им паѓа. Единствената вина на градоначалниците и општините, и граѓаните кои што се под удар е што отворено и јасно се спротивставуваат на режимот на СДС. Досега ударите беа бројни низ цела Македонија. Но, никого нема да уплашат. Досега удрија врз општина Прилеп, општина Неготино, општина Штип, Кавадарци, Велес, Македонски Брод, Ново Село, рече Ѓорчев.