Ѓорчев: Преговoрите со Бугарија ќе бидат долги и тешки

Двете страни се многу далеку од брзо решение по клучното прашање - оспорување на историскиот континуитет на македонската нација и јазик, вели тој за Фокус.

by Фокус

Двостраниот дијалог меѓу Македонија и Бугарија ја има достигнато мртвата точка, па, за да продолжат преговорите, нужно е да се дискутира, да се предлагаат идеи, ставови, размисли како да се надмине ситуацијата со бугарското вето на македонските евроинтеграции.

Ова е првичната оценка на поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев, после засилената динамика во македонско-бугарските односи, како резултат на средбите на премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петров, формирањето на повеќе секторски работни групи и одржувањето на меѓувладина седница.

Во изјава за Фокус, Ѓорчев вели дека добрата страна е што се продолжува со дијалогот, иако, како што истакнува, и двете страни се многу далеку од видливо и брзо решение по клучното прашање- оспорување на историскиот континуитет на македонската нација и јазик.

-Лошата страна е што предлогот на бугарскиот премиер Петков за надградување на процесот на преговори со работата на уште четири комисии покрај историско-образовната комисија е само нов „вординг“ во преговорите, а суштината останува иста – вели Ѓорчев.

Тој додава дека прифаќањето на дискусија по формулата 5+1 е погрешен чекор од македонска страна, затоа што, според него, тоа е во интерес само на бугарската страна.

Ѓорчев посочува дека македонската страна ја игра улогата на исполнувач на бугарските барања и досега, според него, не поставила ниту една тема со којашто ќе навести активна улога во преговорите.

Клучен проблем, потенцира поранешниот амбасадор во Софија, останува македонскиот јазик, оспорување на бугарската позиција – нивните барања да бидат содржани во поглавјето 35 од преговарачката рамка за Македонија, како и реципроцитетот на малцинските прашања во двете држави.

-Македонија треба да опстои на црвените линии во Резолуцијата усвоена во нашето Собрание. Тоа е единствениот начин да го доведоме во рамнотежа преговарачкиот процес, којшто очекувам да биде долготраен и тежок – смета поранешниот македонски амбасадор, пратеник и министер.

В.С.

Поврзани новости