Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев вчера одржа јубилеен концерт во МОБ, по повод 25 години на естрадата.
Со голем број на музички гости, со пеење на хитовите кои ги остави зад себе во текот на својата кариера, неготинчанецот порача дека ова не е крај на неговата музичка активност, туку напротив, има уште многу да и понуди на публиката.
-Концертот, распеаната публика и опуштената атмосфера во МОБ ми се една голема сатисфакција, исполнување на еден мој животен сон. Иако сум на сцената околу три децении, а официјално, 25 години, по ова што се случи синоќа, јас добивам уште поголема мотивација да одам напред, да понудам уште многу музика на моите почитувачи. Кога се пее од срце, моите 63 години се само бројка, и со Господ напред, би бил пресреќен кога би дочекал и вака би прославил и 50 години на сцената. Верувам дека ова не е мојот последен голем концерт, ова е далеку од крај, и веќе имам премногу нови проекти и замисли на музичко поле, кои ќе ги остварам во наредниот период – ни раскажа Ѓорчев.
Катерина Танева, Зоран Џорлев, Трифун Костовски, Трио џентлмен, Филип Стефановски, Кристина Палија и Ирена Крстева – Стефановска беа само дел од неговите музички гости.
Пејачот, кој според бојата на гласот секогаш го споредуваат со Том Џонс, има седум албуми зад себе и голем број на гостувања и концерти во земјава и во странство. Се заблагодари на семејството и пријателите за безрезервната поддршка која што му ја давале со години наназад, и што верувале во него, и во добро и во лошо.
Порача дека неговата музичка приказна продолжува и вети многу нови песни во иднина.
Вики Клинчарова