Јас сум кандидат со бројки. На сите избори сме ги имале најубедливите победи на листите на кои што бев јас. Гласајте за победник кој знае што се избори. Ова го порача Влатко Ѓорчев пред делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната конвенција во Струга за избор на претседателски кандидат за претстојните избори за шеф на државата.
-Колеги јас сум ваш сопартиец и брат. Дајте ми ја довербата, нема да ве изневерам. Ова е најважниот говор во мојот живот. Немојте да ме извисите. Јас знам како да победам. За овие 100 дена, 25 пати ќе дојдам во секоја општина, ќе ја преораме Македонија. Дајте ми шанса да го вратам ВМРО-ДПМНЕ на правиот пат. Кога ќе излезете на улица гордо ќе можете да им кажете на луѓето – добар ден, жива е Македонија – рече тој.
Ѓорчев додаде дека доколку стане претседател во првите три месеци од мандатот ќе ги посети Белата куќа, Брисел, Лондон и, како што вели, ќе ја каже вистината за Македонија.