Ѓорчев: Ако ние бевме на власт досега ќе беа вакцинирани 200.000 граѓани

by Фокус

Ако ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, досега околу 200.000 граѓани ќе беа вакцинирани и Македонија немаше да биде меѓу првите во светот по починати лица од ковид 19, изјави Влатко Ѓорчев, член на Извршниот комитет на опозициската партија.

– За немање на вакцини гледам две објективни причини, прва е корупција, арамилак и втора причина е неспособноста. Тоа се причините. Не може цел свет да има вакцини, цела Африка има вакцини, цела Јужна Латинска Америка има вакцини, Европа веќе три месеци се вакцинира, а во Македонија ништо – рече Ѓорчев на штипската ТВ Стар.

Тој додаде дека граѓаните поради неспособноста на власта од дома не се излезени година дена.

-Не може цел свет да набавува преку канали Влада со Влада, министерство со министерство, единствено нашата Влада да бара врски со фантом-фирма регистрирана во Хонг Конг којашто можеби претходно била регистрирана во оф шор земји и која што има двајца или тројца вработени, а која што никогаш не се занимавала со фармација. Што е тоа? Арамилак! – рече Ѓорчев.

Тој додаде дека „Фајзер“ вакцината вреди 12 евра, односно 700 денари, а нашата влада ги плаќа 2.000 денари.

– 1.300 денари од вакцина имаат стопено. „Џонсон и Џонсон“ чини 8.5 евра, тоа е околу 500-тини денари. А, нашиве плаќаат 2.000 денари. „Модерна“ е 18 евра, „АстраЗенека“ 1.78 евра, односно чини 100 денари. А, нашиве плаќаат 2.000 денари – појасни Ѓорчев.

Поврзани новости