САД станаа „арогантни и самоуверени“ по распадот на Советскиот Сојуз, вели 90-годишниот Михаил Горбачов во интервју објавено на 30 годишнината од неговата оставка како претседател на СССР.
Во интервју за новинската агенција РИА Новости објавено вчера, Горбачов вели дека Кремљ бил во слаба преговарачка позиција, затоа што распадот на СССР во 1991 година предизвика економски хаос.
-Во таква позиција, како може да очекувате еднакви односи со САД, со Западот. Тоа е прво. Второ, но не помалку важно, е триумфалното расположение на Западот, особено во САД. Ароганцијата и самодовербата им се удрија од глава, рече тој.
Горбачов ја обвини желбата на САД за „изградба на нова империја“ за актуелните спорови околу НАТО и Украина.
Тој ги поздрави претстојните безбедносни разговори меѓу Москва и Вашингтон поттикнати од зголемувањето на бројот на руски војници во близина на границата со Украина.
Горбачов поднесе оставка како претседател на СССР на 25 декември 1991 година, неколку дена откако лидерите на Русија, Белорусија и Украина соопштија дека Советскиот Сојуз веќе не постои.