Горан Пандев бара оставка од Сејдини и Милевски

by Fokus

„Честит нека ни е празникот, но националниот тим ни ги расипа емоциите и прославата“, вели Горан Пандев уште на почетокот на интервјуто кое денеска го објави sportssport.mk. Вчерашното реми со фудбалскиот аутсајдер Фарски Острови, според Пандев, е понижувачки за секој кој игра фудбал, за секој Македонец, а особено за него како поранешен репрезентативен капитен.

Во интервјуто тој искажува почит за пристапот кон играта на противникот, но потсетува дека главниот напаѓач на Фарски Острови е играч кој е резерва во скопскиот прволигаш Шкупи. Зошто македонската репрезентација не можеше подобро, Пандев го вперува прстот кон селекторот Милевски и кон шефот на ФФМ, Сејдини.

„Премногу понижувачки е односот на селекторот Благоја Милевски кон фудбалот во Македонија, кон клубовите, кон младите фудбалери. Свесен човек сам ќе разбере кога и до кога треба да се седи на одредена функција. Секоја чест за резултатите во минатото, но од историја не се живее. Конците се испуштени од рака, назад нема… Па тој требаше да си оди по оние срамни 7:0 во Англија.

Тоа беше неговиот крај, а сето ова до денеска е само борба за секој први во месецот и личниот приход од ФФМ. Да не зборувам како тој со првиот човек на ФФМ го наместија Стефан Ристовски да го исфрлат од националниот тим. Немаа авторитет врз него и контрола. Знаеја дека нема да им молчи и затоа ја направија играта за некој друг да биде капитен, а по стапките на Ристовски знаеја дека ќе оди и Адеми.

Тоа е проблемот! Најдобрите ги нема, ги нема затоа што не им се во комбинаториките и политиките кои ги водат. Ако подлабоко гледаме ќе видиме дека ние сами себе си се уништуваме. Која е целта, не ми е позната. Не ми се верува како можат да уништат за брзо време нешто кое се градеше со години и години. Кога вакви дуели како Фарски острови лесно ги добивавме, а знаеме дека токму Лигата на нации е голема шанса за голем успех“,вели Пандев.

Освен за Милевски, Пандев се осврнува во интервјуто и до претседателот на ФФМ, Муарем Сејдини. Кажа дека своевремено го поддржал, но дека дошло време да си оди.

Поврзани новости