Горан Грујевски, поранешниот прв човек на Петата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање не се појави на денешната јавна седница во Апелација, бидејќи како што кажаа неговите адвокати бил на боледување.
Во негово отсуство, обвинителите на СЈО истакнаа дека остануваат на барањето во жалбата, на Грујевски да му се одреди мерката притвор, бидејќи постои опасност од бегство, но и може да влијае врз сведоци.
– На овој обвинет на товар му се ставаат голем број на кривични пријави поради што постои опасност од бегство. Тој и досега не се јавуваше на нашите повици, туку ни беа доставувани боледувања во кои пишува дека болесува од депресија и анксиозност, но со оглед дека тој имал стресна професија, тоа не е изговор да не се појавува на распит – рече Ленче Ристоска.
Та додаде дека Грујевски треба да оди во притвор бидејќи директно влијаел врз сведоците.
Како што појасни, кај него била пронајдена тетратка во која во детали пишувало кој сведок бил во СЈО, со кои обвинител разговарал и уште многу детали за работата на ова обвинителство. Исто така, им давал и насоки на сведоците и осомничените како да сведочат и како да ги лишат обвинетите од одредени информации.
Обвинителите стравуваат дека Грујевски нема да се појавува на судските рочишта, бидејќи како обвинет во Тврдина 2 не се појави на суд, доставиувајќи боледување, но подовна медиумите објавија фотографија на која се гледа дека бил на спортски натпревар. Исто така, напомнаа дека сега е на уште повисока позиција во УБК, односно е помошник директор за координација во УБК, поради што му дава уште поголема позиција за влијание врз сведоци, но и располагање со бројни информации.
В.В.