Фолк пејачката Ленче Кукиќ, која со сопругот Горан стекнаа голема популарност во регионот по победите во музичкото шоу ,,Никогаш не е доцна” кое се одржува во Србија, на сцената на Гранд ја промовираше својата прва песна за тамошната продукција.
Станува збор за баладата ,,Бисер” за која текстот го напиша Весна Петковиќ, а музиката е на Хуса Бит Стрит.
Набргу по промоцијата, таа порача дека песната е новогодишен и божиќен подарок за сите кои и ја даваат поддршката во текот на нејзината кариера, а во регионалните медиуми веќе се пишува дека истата му е посветена на нејзиниот сопруг Горан.
-Ова е песна која носи посебни вибрации, и иако е балада, носи среќна порака полна со љубов, вели струмичанката.
Таа и нејзиниот сопруг Горан се популарен пар на естрадата, кои со децении имаат хармоничен брак. Редовно настапуваат заедно, а учеството во шоуто ,,Никогаш не е доцна” придонесе да се слушне за нив и во поранешните Југословенски републики. На истото, Ленче однесе две победи пред две години, и тоа според гласовите на жири комисијата, но и според гласовите од социјалната мрежа Фејсбук. Горан пак, исто така беше победник во шоуто во изминатите години.
Родители се на Иван, талентираниот музичар кој веќе подолг период настапува заедно со Влатко Стефановски и неговиот син Јан.
Не кријат дека се неразделни и си даваат меѓусебна поддршка, како на приватен, така и на професионален план.
Лани пејачката за ,,Фокус” откри дека и двајцата со Горан се инфицирале со корона вирус и едвај се извлекле. Раскажа дека поминале многу тешко, и цели 15 дена биле на кислородна поддршка, борејќи се за здив, хоспитализирани во болницата Осми Септември во Скопје.
-Немавме време да размислуваме дали ова е крајот, се препуштивме на Господ. Во тие моменти надеж ни даваше персоналот во болницата, но и вербата дека најлошото ќе помине, а ние ќе се вратиме посилни и уште посплотени. Само здравје и љубов, се друго си доаѓа на место, ни изјави Ленче по враќањето од болница минатата година.
Вики Клинчарова