Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот колега од Словенија, Роберт Голоб денеска во Љубљана потпишаа Заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, по што одржаа и заедничка прес конференција на којашто е оценето дека денешните средби и потпишаната Декларација се уште еден јасен одраз на искреното, долгогодишно и цврсто пријателство и партнерство меѓу двете држави.
Ковачевски ја поздрави словенечката поддршка и охрабрување кон сите пратеници во нашето Собрание да продолжат да работат заедно и конструктивно, имајќи го предвид сегашниот моментум и шансите да направиме нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел – полноправно членство во Унијата.
„Од овде, од Словенија, сакам да порачам дека Република Северна Македонија и македонските граѓани ја препознаваат својата улога во регионален и европски контекст. Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат, иако некои внатрешни и надворешни сили, можеби не го посакуваат тоа“ – порача Ковачевски.
Словенечкиот премиер, пак, оцени дека Словенија и Северна Македонија се на иста линија и нè соединуваат одлични билатерални односи и меѓу народите.
„Словенија сака да ѝ помогне на Северна Македонија во сите можни форми. Постои големо разбирање на словенечкото стопанство за развојот на Северна Македонија“, рече премиерот Голоб.
Словенечкиот премиер порача дека процесот на пристапните преговори, што започна лани, не смее да запре и ја нагласи поддршката за натамошниот тек на евроинтеграциите.
„Приближувањето кон ЕУ не смее да сопре и тоа е клучната порака. Веруваме дека евроатлантскиот пат на Северна Македонија е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западен Балкан. Иако постојат доста елементи на кои не им е од интерес тоа. Ќе сториме сè да ја поддржиме оваа Влада на премиерот Ковачевски и сите остананати напори, за да ги исполниме очекувањата на ЕУ, а и ЕУ го разбира моментот во Северна Македонија“, рече Голоб.
Тој нагласи дека Северна Македонија е дел од Европа, дека премногу чекаше на интегрирањето во ЕУ „и денес е на точка кога процесот се помести и мора да направиме сè овој процес да не запре никогаш повеќе“. Изрази очекување дека ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Северна Македонија, затоа што ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината“, како и изрази очекување дека до ноевмри ќе се исполнат сите услови и во декември ќе се утврди дека Северна Македонија ќе може да продолжи со преговорите со ЕУ.