Голготата на Јане се уште трае: И покрај обезбедена документација, тој два месеца чекал одговор дали ќе му се одобри лекување!

by Fokus

Јане Пирганоски (38), момчето од Прилеп кое повеќе од 20 години е во будна кома, хоспитализирано во прилепската болница, а за чиј случај во повеќе наврати пишуваше ,,Фокус”, по долгата голгота доби шанса за лекување во странство. Но, шансата, како што раскажува неговиот татко Љупчо, очигледно е ставена на чекање, бидејќи и по два месеца откако тој ги доставил сите потребни документи до Стручниот колегиум на ЈЗУ Клиника за неврохирургија, упат за лекување на клиника во Загреб, не добил.
Огорчен, јавно прашува дали неговото дете повторно ќе биде заборавено и изманипулирано од институциите.

Имено, како што во неколку наврати раскажа таткото, тој добил надеж од клиниката Дубрава во Загреб, Хрватска, од неврохирургот Дарко Чуди, кој досега им помогнал на многу пациенти во слична состојба како Јане. Со помош на операции за мозочна стимулација кои ги изведувал неврохирургот, Љупчо смета дека може да му се помогне и на неговиот син, но процедурата изнесувала околу 23.000 евра.

Бидејќи според нашите институции, процедурата која требало да се изведе врз Јане во Загреб, според нашето здравство не била базирана на медицински докази, па затоа и бил одбиван, Љупчо со години молеше да му се слушне гласот и да му се даде шанса на момчето, за кое во земјава нема ниту соодветна институција, ниту пак кадар кој би работел на негова рехабилитација и лекување.

По бурните јавни реакции, за борбата на таткото дозна и министерот за здравство Арбен Таравари, кој се сретна со него во септември минатата година. По средбата, Љупчо добил писмо од Универзитетската клиника за неврохирургија, во кое го известуваат дека ја разгледале медицинската документација на Јане, и за да можат да го пратат на лекување во странство, им бил потребен соодветен документ од здравствената установа од странство, дека пациентот е кандидат за соодветен медицински третман кој би се извршил во нивната установа.

За ,,Фокус” тој вели дека веднаш ги контактирал надлежните во клиничкиот центар Дубрава во Загреб, и му била доставена целокупната документација. Истата ја однел и ја предал на Клиниката за неврохирургија во Скопје пред околу два месеца, но се уште не добил никакво известување од таму, односно судбината на Јане повторно била оставена на чекање.

-Сите документи кои ми ги побараа ги однесов во Клинички на 19-ти декември 2024 година и секретарката уредно ги прими истите. Но, поминаа два месеца, нема никаков одговор од Стручниот колегиум на клиниката за неврохирургија. За Јане секој изминат ден е важен, а веќе доволно време се изгуби.
Сакам јавно да прашам до каде е случајот, ќе добие ли мојот син лекување во Загреб, или пак ќе доживееме разочарување?, прашува Љупчо.

Исто така, во повеќе наврати тој посочуваше дека иако во Македонија нема соодветни установи и кадар за третирање на состојба на будна кома, сепак нашите институции упорно одбивале да им дадат шанса на овие пациенти за лекување во странство, од каде се добивале ветувачки прогнози.

Случајот со Јане наиде на бурни јавни реакции, па дури и иницијативи да се соберат донации и момчето да се испрати на лекување. Но, таткото ги одби предлозите за помош во вид на донации, бидејќи, како што истакна, за некој кој целиот живот плаќал здравствено осигурување, под човечко достоинство било да собира донации за спас на своето дете.

Вики Клинчарова

Поврзани новости