Нуклеарните сили потрошиле рекордни 73 милијарди американски долари за нуклеарно оружје во 2019 година, речиси десет отсто повеќе од претходната година, објави денеска Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје (ИКАН).
САД се со речиси половина од пресметките за вкупната потрошувачка на нуклеарните земји, вели организацијата од Женева, која ја доби Нобеловата награда за мир за 2017 година.
Буџетот на САД, што вклучува истражување за нуклеарно оружје и системи за нивно лансирање, се зголеми за 5,8 милијарди американски долари минатата година и изнесуваше 35,8 милијарди американски долари. Потрошувачката на Кина, Велика Британија, Русија, Франција и Индија порасна по многу пониски стапки, додека останува иста во Израел и Северна Кореја.
За Израел се верува дека поседува нуклеарен арсенал, но тој никогаш не бил јавно потврден.
Пакистан е единствената нуклеарна сила што потроши помалку минатата година, според извештајот на ИКАН, заснован на јавно достапни податоци и проценки на воените буџети.