Веќе трет ден трае големата борба на пожарникарите и локалните жители за контрола на шумските пожари на југоистокот на Србија.
Најтешко е во подножјето на врвот Видлич на Стара Планина, во општините Димитровград и Пирот, на границата со Бугарија, каде пожарот зафати стотици хектари во областа.
Општините Пирот и Димитровград прогласија вонредна состојба на дел од нивните територии, јави Радио-телевизија Србија.
Во селата во подножјето на планината Видлич, селаните изградиле бариери за да не се приближи пожарот до куќите.
Жителите на селото Крупац кај Пирот упатија драматичен апел до сите кои можат да дојдат и да помогнат да не се прошири пожарот кон нивното место.
Во гаснењето на пожарот се ангажирани околу 120 лица, пожарникари, шумари, припадници на цивилната одбрана и волонтери.
Ангажиран е и хеликоптер кој од 14 рафали досега испуштил 35 тони вода.
Во последните седум дена припадници на Одделението за вонредни состојби интервенирале на 893 пожари на отворени простори, а за истиот период лани имале 393 одговори на отворени простори.