Историската драма за научникот Џ. Роберт Опенхајмер – „Опенхајмер“ на британскиот режисер Кристофер Нолан и готската комедија за починатата жена која научниците ја оживуваат „Сиромашните суштества“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос триумфираа на церемонијата на доделување на Златните глобуси во Лос Анџелес синоќа, пренесува Ројтерс.
„Опенхајмер“ е прогласен за најдобар драмски игран филм, а „Сиромашните суштества“ за најдобра комедија или мјузикл.
Ѕвездата на „Опенхајмер“ Силијан Марфи ја доби наградата за најдобар актер за улогата на Џеј Роберт Опенхајмер, додека Ема Стоун е прогласена за најдобра актерка во филмска комедија или мјузикл.
Златен глобус за најдобра актерка во драма го освои Лили Гладстон за улогата во филмот „Убиство под цветна месечина“, додека најдобар актер во комедија го прогласи Пол Џамати за улогата во филмот „The Holdovers “.
Кристофер Нолан е прогласен за најдобар режисер за режија на „Опенхајмер“, а Роберт Дауни Џуниор, кој во тој филм го играше непријателот на Опенхајмер, ја доби наградата за најдобра споредна машка улога.
Да’Вајн Џој Рендолф го освои Глобусот за најдобра споредна женска улога за „The Holdovers“.
За најдобар странски филм е прогласена француската драма „Анатомија на падот“, која ја доби и наградата за најдобро сценарио.
Наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Момчето и чапјата“.
Што се однесува до телевизијата, „Наследство“ е прогласена за најдобра драмска серија, а серијата за проблемите што ги мачат сопствениците на успешен ресторан „Мечката“ за најдобра комедија.