Големи одрони блокираат дел од коловозот на магистралата А3 која е дел од регионалниот патен правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани. Како што јавуваат возачи, големи одрони има на повеќе места, а појавата е најизразена пред раскрсницата за патот кон село Бигла.
– Одроните ги има на повеќе места, но најмногу се во близина на местото каде се „скршнува“ за село Бигла. Долж овој патен правец одрони се појавуваат на места на кои и порано била забележлива таквата појава, на потегот од пред раскрсницата за село Бигла, до селото Луковица, истакна Александар Арсовски, возач кој сообраќал на магистралата.
Од „Македонија пат“ потврдија дека ситуацијата на одредени делници е алармантна и притоа повикаа до возачите внимателно да се движат по овој патен правец.
– Дождот кој непрекинато паќа повеќе од 12 часа во Пијанец, со сигурност ги врати одроните на магистралата А3. Наша обврска е да реагираме секаде онаму каде има таква појава, што и го прават наши екипи во моментот. Сепак поради врнежите кои според најавите ќе продолжат да паѓаат, останува да важи препораката за почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно движење по коловозите, истакнаа од „Македонија пат“.
Поради обилните дождови, сообраќајот во изминатите 12 часа во Пијанечкиот регион се одвива по влажни коловози.