Големи музички имиња доаѓаат во Охрид: Охридски трубадури ќе слави јубилеј

by Fokus
Охрид се подготвува за 25 – то јубилејно издание на интернационалниот музички фестивал Охридски трубадури 2018, кој ќе се одржи од шести до осми септември.

Годинава на фестивалот ќе настапат околу 70 познати музички имиња од земјава, но и од регионот. Како што дознаваме, свои настапи ќе имаат Владо Калембер од Хрватска, кој лани беше специјален гостин на манифестацијата, Карлос од Бугарија, Жан Худек од Хрватска, Ален Исламовиќ, Мерима Његомир, група Балканика, минатогодишната победничка од Грција, Елизабет Христоу и многу други.

Од нашите пејачи, на фестивалот во Охрид ќе се појават Благица Павловска, Нино Величковски, Ѓоко Ѓорчев, Жармена, Милица Кузмановска, Даниел Кајмаковски и други. Фестивалот ќе се пренесува на повеќе телевизии, како Балканика – Бугарија, Бел ами – Србија, Коперникус – Србија, ТВ Z1 – Хрватска, CMC (Croatian Music Channel –Хрватска) , Хајат – Босна и Херцеговина, Визион плус – Албанија,ТRT – Турција, ТВ Шансона – Русија и австралиската сателитска ТВ INTV.

Лани фестивалот помина во одлична атмосфера покрај Охридското крајбрежје. Највисоките награди отидоа во рацете на гркинката Елизабет Христоу, прво место од публика и второ од стручното жири, и кај Маја Оџаклиевска, која настапи во дует со русинот Иван Акулов. Дуото на Маја и Иван го освои првото место од жири комисијата и второ од публика. Трето награден од жири комисијата беше Ѓоко Ѓорчев, додека третото место од публика го доби Трио Џентлмен. Својот последен фестивалски настап на поп вечерта го имаше поп пејачот Влатко Илиевски, кој ненадејно почина пред неколку дена. Тој тогаш ја отпеа песната ,,Дајте му ја’’.


Вики Клинчарова

Поврзани новости