Според непотврдени информации, во тек се заеднички активности на повеќе институции меѓу кои на полицијата и Управата за јавни приходи, кои вршат претреси на повеќе локации во фирми и домови во Струмица, Скопје и во Гостивар.
Она што засега се знае е дека се одзема огромна документација, но и други предмети кои се наоѓаат при самите претреси.
На полициски разговори се повикани десетина управители, адвокати, нотари кои се поврзани со работењето на струмичките и скопските фирми за кои се сомневаат дека функционираат во систем на криминална пирамида која сигурно излегува и преку државните граници.
Наводно, целата акција на институциите на државата е поврзана со докажување на повеќе кривични дела даночно затајување, перење пари, незаконски поврат на ДДВ со што е оштетен буџетот на граѓаните за неколку десетици милиони евра.
Неофицијално, во случајот се вмешани луѓе кои важат за блиски до највисоките структури на претходната власт, а под полициска опсада е и познат ресторан во Струмица.