Шампионот во бодибилдинг Тоше Зафиров е првиот Македонец кој склучи официјален договор со познатиот бренд за облека Mr. Olimpia – official olimpia gear, со што станал нивниот прв официјален бренд амбасадор во Европа.
Кога се спомнува Мр. Олимпиа, љубителите на бодибилдингот знаат дека на истото натпреварување Арнолд Шварценегер беше победник дури шест пати.
Зафиров за ,,Фокус” раскажува дека за него е голема честа да се биде дел од јатото чиј препознатлив лик е Шварценегер. Вели дека го живее својот сон, до чие остварување дошол со макотрпна работа и многу откажувања.
-Ова е голема работа, како за мене, така и за цела Македонија, посебно за моето Неготино од каде потекнувам и секогаш сум горд на своите корени! Јас сум официјално првиот во Европа кој потпиша договор со Мр. Олимпиа.
Нивните натпревари започнаа во далечната 1965 година и се уште се сон за секој спортист! Ете, Македонија дочека да има свој спортист, Македонец, кој го склучи договорот со овој познат бренд – вели Зафиров.
Тој се присетува дека животот не му бил секогаш лесен, морал самиот да се избори за свое место под небото, а патот до успехот му бил полн со предизвици, напорна работа и целосна посветеност на остварувањето на сонот. Многу пати помислил на откажување, но сепак наоѓал сила да продолжи напред.
Сега веќе подолг период со сопругата Габриела и децата живее во Скопје, и е препознатливо и докажано име во бодибилдингот.
-Се сеќавам дека пред дваесеттина години читав за Мр. Олимпиа во списанија, гледав нивни видео касети… Да се стане дел од ова јато, за мене е голема гордост.
Сакам ова да биде една поука до младите генерации, да живеат за своите соништа, бидејќи тие стануваат реалност само ако макотрпно работиме на нив! Јас сум најсреќен човек во моментот, затоа што добро знам што значи да вложуваш во спортот цели 25 години – ни изјави шампионот.
Вики Клинчарова