Пожар избувнал утрово на депонија во Дојран кој потоа се проширил и зафатил три куќи, информира директорот на Центарот со управување со кризи, Стојанче Ангелов. Како што информира Ангелов, се врши евакуација на локалното население и засега нема повредени лица.
Заменик-генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов побара пожарникарните служби од Гевгелија, Валандово и Богданци да помогнат во справувањето со огнот кој е во близина на селото Николиќ.
Михаилов вели дека депонијата кога била запалена била заклучена и немало чувар. Поради тоа екипите на Територијалната противпожарна единица не биле во можност да влезат веднаш во депонијата и да го спречат првичниот пожар да се прошири кон местото викано Карабалија.
Поради ветрот, додава Михаилов, огнот се доближува кон Стар Дојран и е надвор од контрола. Михаилов, во објава на својот фејсбук-профил, побара одговорност од градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов затоа што депонијата била заклучена и без чувар.
„Мора да ставиме крај на оваа катаклизма со тоа што одговорност ќе понесе секој кој направил нешто спротивно на Законот или не направил нешто коешто му било обврска согласно неговата функција. Човек ни почина вчера, имаме повредени, зафатени се населени места, а место за ваква неодговорност нема да има“, коментира тој.