Сообраќајот на автопатот Скопје-Велес утрово од 6.20 часот е нормализиран, откако голем одрон после тунелот Катланово, поточно кај месноста викана Ветерско, го држеше блокиран патниот правец.
Маса на камења и карпи паднаа на патната линија на потегот од Катланово кон Велес кај месноста Ветерско близу до патарината Сопот. Во текот на целата ноќ Екипи на ЈП Македонија пат од Скопје и Велес работеа на расчистување на теренот.
Од АМСМ додаваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
–Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, се вели во соопштението.