Голем концерт во Скопје во чест на Зафир: Два месеци пред да почине за ,,Фокус” раскажа што му тежи на душата!

by Fokus

Во чест на легендарниот пејач, композитор и поет Зафир Хаџиманов, кој беше македонски амбасадор на културата во Србија, а почина на 27-ми март 2021 година на 77 годишна возраст во Србија, ќе се одржи голем концерт во Македонска филхармонија.
Настанот е закажан на 17-ти декември, и во организација на Авалон Продукција, кои информираат дека му го предложиле овој проект на синот на Зафир, Васил, а тој прифатил со задоволство.

-Да бидеме реални, Република Македонија нема многу легенди како Зафир Хаџиманов, признати регионално и пошироко.
Зафир не напушти некако тивко, во едно лошо време, во време на короната и до ден денес тоа воопшто и на ниту еден начин не се одбележа во неговата матична земја, Македонија.

Токму тоа не’ натера, во склоп на програмата ,,30 години Авалон Продукција” да му го предложиме овој проект на неговиот син, успешниот и квалитетен музичар Васил Хаџиманов, кој тој со задоволство го прифати, а ние со уште поголемо задоволство вечерва ви го најавуваме.

Па така, на 17-ти декември во Македонска филхармомија ќе се слави животот и делото на Зафир Хаџиманов со многубројни гости музичари и уметници за кои сме сигурни дека ќе ни овозможат да уживаме во дел од неговиот творечки опус-истакнаа од Авалон.

Зафир ја изгуби битката со корона вирусот во 2021 година, а неколку години наназад беше со нарушено здравје, и во повеќе наврати изјавуваше дека има хронични проблеми со срцето.

Во последното интервју за ,,Фокус”, само два месеци пред да почине, Хаџиманов раскажа дека е многу разочаран, бидејќи иако зад себе, на свои 77 години оставил богата културна ризница, надлежните во Македонија не се сетиле да му доделат државна награда за неговиот труд во областа на уметноста.

-Сега сум веќе во години кога сакал, не сакал, сепак посакуваш надлежните да се сетат и да го одбележат мојот труд достоинствено и праведно.

Минатата година Владата ме прогласи за почесен амбасадор на македонската култура и уметност, што јас навистина и без тоа сум веќе 60 години. Но, национална, државна награда е сепак нешто возвишено и неопходно за секој врвен уметник –раскажа тој во јануари 2021 година, и огорчено откри дека непознато лице му пратило порака, наводно од име на Владата, со која се известувал дека како истакнат уметник, државата му доделува награда за животно дело.

Но, откако се јавил кај свои пријатели во Македонија, и тие се распрашале во Министерството за култура, дознал дека некој на многу лош начин се пошегувал со него, и всушност тој не добил никаква награда.

-Свртев два – три телефони на мои пријатели во Скопје, тие се распрашаа и ми одговорија дека никој од Министерството за култура ништо не знае за таа награда. Морам да признаам дека ми падна тешко, некој така лошо да измислува мајтапи!

Тешко ми падна сето ова, не ми се ни зборува повеќе. Жалам што не добив никаква национална награда за мојот труд- порача во последното интервју уметникот.

Четири месеци по неговата смрт тој постхумно беше одликуван со Орден за заслуги за државата од страна на претседателот Стево Пендаровски.

На концертот кој ќе се одржи во Скопје во спомен на Хаџиманов, најавено е учество на Васил Хаџиманов бенд, Бисера Велетанлиќ, Калиопи, Коле Ангеловски, Никола Ристановски, Сашо Гигов – Гиш, Марта Хаџиманов и Виктор Тумбас.

Цените на влезниците се 1.500 денари и 2.000 денари за ВИП.

Вики Клинчарова

Поврзани новости