Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава ја започнува концертната сезона традиционално, со велигденски концерт.
Овојпат, настанот носи една посебност, а тоа е програмата посветена на музичките партитури од кореографскиот опус на прерано починатиот првенец на „Танец“, Милан Завков – информираат од ансамблот.
Концертот ќе се одржи на 10-ти април во НОБ, со почеток од 20 часот.
Појаснуваат дека на репертоарот ќе бидат познатите кореографии „Беломорски бисер“, „На мегдан“ и „Охридски игри“, кои маестро Завков ги создаде заедно со својот долгогодишен колега од „Танец“, играорецот и кореограф Симеон Чулев.
Исто така, на програмата ќе биде и кореографијата „Копачија“, која е соработка на Завков со кореографот Дојчин (Стојче) Каранфилов.
На концертот ќе бидат изведени и повеќе вокално-инструментални точки, а сѐ заедно, организаторот најавува дека ова ќе биде една богата програма, која ќе се памети долго.
Милан Завков ненадејно почина минатиот месец на 61-годишна возраст. Тој беше врвен инструменталист и композитор, првенец на Националниот ансамбл „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот.
Вики Клинчарова