Голем дел од заболените од корона вирус се дијабетичари, бараат национален план за справување со болеста

by Fokus

Не се знае точната бројка колку лица се со дијабетес во Македонија.

Итно донесување на национален план за справување со дијабетес, објавување на регистар на дијабетес за да се има официјална бројка на заболени во државата, но и поголема едукација за превенција од оваа болест побараа денеска на прес-конференција од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Според претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Диме Велев, главното барање, поаѓајќи од фактот дека голем од заболени лица со коронавирусот се со дијабетес, е итно да се донесе национален план за справување со дијабетес односно превенција. Како што додаде, планот е готов, но, треба да се усвои и да се модифицира со пандемијата од ковид-19.

„Да се објави регистарот со дијабетес, односно да се формира и да се објави затоа што ние немаме официјална бројка колку лица со дијабетес има, имаме само претпоставки, разни информации од разни места. Согласно ситуацијата најсериозната потреба за едукација особено за семејствата со децата до 18 години, бараме под итно да ни се вратат камповите за едукација од превенција од дијабетес и справување со ковид-19“, вели Велев.

Тој побара и сите иновативни терапии во следниот тендер кои се регистрирани во државата да имаат можност да бидат набавени во рамките на тоа што е предвидено, да постои можност и најновите инсулини и најновите таблети да бидат достапни до лицата со дијабетес со тоа што, како што рече, ќе има можност секој дијабеталог во државата да го препишува редовно.

Во делот на менаџирањето на дијабетот, Велев потенцира дека во следниот период потребно е сите деца и адолесценти до 18 години да добијат бесплатно, односно на државна сметка да им се доделат сензори во текот на целото време за да се намали боцкањето и стресовите и да можат нормално да почнат да живеат тие деца.

Поврзани новости