Дневните броеви на нови ковид случаи се во постојано намалување после врвот од последниот бран на заразени од ковид којшто беше на 24 јануари.
Иако последниве денови може да се забележи застој во намалувањето и застој на стапката на позитивни тестови, сепак универзитетскиот професор Дејан Трајковски за „Фокус“ вели дека не очекува силен и голем бран на заразување со ковид.
Овие загрижувачки знаци ги толкува како последица на преодното заладување на времето, поминувањето подолго време во затворени простории, осмомартовските дружења, но исто така и со можното пристигнување на новите соеви.
Сепак, покрај сегашната смирувачка состојба кај нас, во неколку европски земји има повторно разгорување на епидемијата, во Австрија, Швајцарија, Холандија и Германија, а почеток на избувнувањето има и во Франција, Белгија, Велика Британија и Словенија.
-Тоа се големи западноевропски земји и последите бранови во Европа во последно време започнувале таму, а во Македонија брановите обично пристигнувале подоцна. Во Европа веќе има извесен број случаи од најновиот „делтакрон“ сој, хибрид на делта и омикрон сојот, вели Трајковски за „Фокус“.
Според него, во наредните петнаесетина дена во Македонија не би требало да дојде до пресврт, односно потребно е извесно време намалувањето на дневните бројки целосно да сопре, а потоа евентуално полека да започне да расте.
ШАНСИТЕ ЗА НОВ БРАН СЕ 50 ПРОЦЕНТИ
-За разлика од минатата година во овој период од годината, кога прележаноста изнесуваше едвај околу 30%, кога речиси 100% бев сигурен дека ќе имаме избувнување на делта сојот, сега шансите за нов бран ги проценувам на само 50%.
При тоа, поради високиот степен на колективен имунитет на досегашните соеви, како и поради доаѓањето на пролетта не очекувам да видиме поголемо избувнување. Веројатно ќе се инфицираат само непрележаните и невакцинираните, чиј број секој ден е се помал. Во секој случај, идните бранови, доколку ги има, би требало да бидат се послаби и со се помалку жртви, вели Трајковски.
Како аргумент за тоа дека не би требало да има нов голем бран на заразување, Трајковски го посочува скринингот на антитела во којшто кај околу 80 отсто од тестираните беа најдени антитела на ковид.
Високиот процент, според него, не се должи само на прележаноста на омикрон сојоот,бидејќи лабораториски од овој сој беа потврдени само околу 30. 000 нови случаи, туку се дожи на имунитетот од неколкукратното прележување, но и вакцинирањето со две или три дози.
НЕКОИ ЛУЃЕ НЕМА ДА СЕ ЗАРАЗАТ И ПО ЕДНА ГОДИНА ОД БОЛЕСТА
-Многу поверојатно е дека се работи за суперимунитет од двојно прележување или пак хибриден имунитет од вакцинирање и прележување, како и од тројно вакцинирање. Во овој случај, антителата остануваат многу подолго, според странски моделски истражувања, објавени во списанието Нејчер, просечно 17 месеци кај 50% од лицата со суперимунитет.
За споредба од еднократно прележување траат само околу 4-5 месеци. Така, постојат големи шанси голем дел од нашето население да биде заштитено најмалку уште една година дури и од заразување, а од тешка форма на болеста веројатно и многу подолго. Без хибридниот имунитет и помошта на вакцините, веројатно тоа не би го постигнале толку бргу, анализира Трајковски.
Професорот Дејан Трајковски работи на Техничкиот факултет во Битола како редовен професор по група предмети од областа на теориската и применетата механика на круто и деформабилно тело. Специјалност му се аналитичките и нумеричките методи во компјутерската механика, мехатрониката и роботиката.
Својата специјалност професорот ја користи во креирање на статистики за епидемијата со Ковид-19 којашто го тресе светот.
Ф.Ф.С.