Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ повторно е сместен во имиграциски притвор во Мелбурн каде ќе остане до официјалното сослушување на кое ќе биде одлучено дали ќе остане во Австралија или ќе биде депортиран, откако вчера втор пат му беше укината визата.
На подготвителното рочиште, одржано изминатата ноќ, судијата Дејвид О”Калахан го закажа сослушувањето пред австралискиот Федерален суд за вечерва во 23:30 по средноевропско време.
Судијата го прифати барањето на адвокатскиот тим на Ѓоковиќ одлуката да ја донесе тричлен совет, во кој покрај О”Калахан, ќе бидат и судијата Ентони Бесанко и врховниот судија Џејмс Алсоп.
Одлуката на тричлениот судски совет ќе биде правосилна.
Ѓоковиќ ноќта ќе ја мине во истиот имиграциски притвор во кој беше сместен минатата недела кога првпат му беше укината австралиската виза.
Ова е втор пат Ѓоковиќ да биде во притвор откако судијата Кели во понеделникот, четири ноќи откако Ѓоковиќ помина во имиграциониот притвор, одлучи да го ослободи со образложение дека одлуката за укинувањето на визата на Ѓоковиќ била неразумна.
Сепак, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук одлучи да го искористи своето дискреционо право и сепак да ја укине визата на српскиот тенисер, бидејќи, неговото присуство би можело да поттикне противење на вакцинацијата против ковид-19.
Ѓоковиќ во Австралија сака да ја освои својата 21-ва грен слем титула и со тоа да постави нов светски рекорд.