Еден од најдобрите тенисери во светот, Новак Ѓоковиќ длабоко жали за смртта на Коби Брајант и неговата ќерка.
– Моето срце искрено жали. Коби беше мојот ментор и пријател. Ти твојата ќерка засекогаш ќе останете во нашите срца. Зборовите не можат да го изразат најдлабокото сочувство до семејството Брајант и до сите оние што страдаат заради оваа трагедија. Почивај во мир пријателе, напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи.
Неколку дена пред катастрофата, српскиот тенисер даде интервју за ЕСПН, во кое зборуваше за неговата врска со Брајант.
– Коби е еден од моите ментори. Со него неколкупати разговарав по телефон и, се разбира, кога лично се сретнавме. Кога имав повреда на лактот, и психолошки и емотивно не можев да се справам со тоа што се случува, со пад на оценката и потребата да ја повратам мојата позиција, тој беше еден од оние што ми дадоа многу вреден совет за тоа како да верувам во себе. Јас сум многу благодарен за неговата поддршка. Го сакам Коби – а кој не? Тој е неверојатен човек и еден од најдобрите кошаркари и спортисти во историјата, изјави тогаш Ѓоковиќ.
Брајант и неговата 13-годишна ќерка Џиана, загинаа во хеликоптерска несреќа во Калифорнија. Во урнатиот хеликоптер животот го загубија вкупно девет лица. МИА