Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев го препеа евергринот на Том Џонс, легендарната нумера ,,I’ll never fall in love again”, а деновиве снима и видео запис за истата во хотелот ,,Монтенегро” во Велес.
Вели дека е презадоволен од тоа како излегла песната, отпеана во негов стил, и бил горд на композиторот и аранжер Владимир Дојчиновски со кого заедно работеле на големиот евергрин.
-Соработката со Дојчин трае речиси колку и мојата кариера, повеќе од две децении. Горд сум од тоа што го сработивме, песната звучи светски, отпеана на мој начин. Можам слободно да кажам дека го оживеавме овој голем хит, му дадовме наш белег, затоа и заслужува да добие прекрасен видео спот, а локацијата во Велес се покажа како идеална за снимање. Од голем број на звучни имиња, наши познати композитори, добив само комплименти за тоа како ја отпеав, што ми е поттик да продолжам со работа. Веќе е во подготовка дуетот со Катерина Танева, исто така дует со Кате од Соната, а со оперската певица Кристина Палија подготвуваме дуетска песна со која ќе настапиме на Охрид Фест. Со Филип Стефановски за некој ден ќе започнеме со снимање на моја верзија на светскиот евергрин ,,Torna Sorriento”, значи се работи без престан – вели неготинчанецот, кој е познат во јавноста како македонски Том Џонс.
Тој додава и дека оставил дел од себе во интерпретацијата.
-Имам одлична соработка и со Огнен Неделковски, Григор Копров и Сашо Ѓоргиев, и сите тие кога ја слушнаа новата изведба, се воодушевија. Можам да кажам дека оставив дел од себе во оваа интерпретација, песната буквално ,,пука” од емоции. Кога имам добар тим околу мене, работата е задоволство – раскажа Ѓорчев.
Вики Клинчарова