Ѓоко Ѓорчев: Ова е страшно опасна болест, со семејството минавме низ неизвесен период!

by fokus

Популарниот поп пејач Ѓоко Ѓорчев кој изминатиот период водеше битка со Ковид-19, сега откако болеста е зад него, вели дека е благодарен на Бог што тој и семејството се излекувале, а лошиот период сака што побргу да го заборави. Појаснува дека дома сите биле инфицирани, со симптоми, и заедно со сопругата Благородна, која е доктор специјалист и ќерката Александра, поминале 15 дена на неизвесност.

-Јас имам 66 години и во тек на целата пандемија максимално внимавав и ги почитував препораките за заштита, имајќи го на памет тоа дека повозрасните потешко го минуваат вирусот. Но, иако многу внимавав, никогаш не знаеш од каде ќе дојде вирусот!

Две недели со симптоми се лекувавме дома, во неизвесност, и бескрајно сум им благодарен на нашите пријатели лекари чии совети многу ми помогнаа мене и на моето семејство. Би ги спомнал доктор Веле Марковски, д-р Атанас Ристов, д-р Јован Кузманов, д-р Гордана Кузманова…
Ова е страшно опасна болест, за која никогаш не се знае во кој правец ќе тргне и сите мора максимално сериозно да ја сфатат! –раскажува музичарот.

Потсетува дека Македонија веќе изгуби многу животи и апелира да се следат препораките на Министерството за здравство.

-Чувајте се и следете ги препораките, се надевам дека бројките наскоро ќе се намалат и болеста ќе започне да слабее. Со тоа, самото здравство и почитуваните граѓани ќе се спасат од ова зло! Носете маски во затворени простории, помалку групни собири, барем сега, додека заразата е уште јака.

Му благодарам на драгиот Бог, многу ми помогна вербата во него, благодарен сум на семејството за поддршката и на лекарите за советите и грижата- ни изјави Ѓорчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости