Ѓоко Ѓорчев обвини дека од општината не му дозволиле да направи концерт, градоначалникот Стојанов вели дека концертот не бил ниту договорен!

by fokus

Поп музичарот Ѓоко Ѓорчев, познат во земјава како македонски Том Џонс, синоќа се обрати со видео порака до јавноста, во која информира дека е разочаран во градските власти, бидејќи го известиле дека нема да може да направи свој концерт во склоп на манифестацијата Неготинска вечер, која ќе се одржи во центарот на градот во недела.

Како што раскажува музичарот, му било ветено дека тој ќе може да настапи со цел да направи еден концерт како ретроспектива на својата работа во изминатите три децении на сцената, но на крај му се јавиле од општината и го известиле дека тој не се вклопува во концептот на настанот.

Градоначалникот д-р Горан Стојанов пак, за ,,Фокус” вели дека не само што не му ветиле дека ќе може да направи свој концерт за време на Неготинска вечер, туку и дека официјално немале никаков договор, туку единствено поразговарале на темата.

-На 18-ти овој месец во Неготино се одржува Неготинска вечер, на која јас требаше да настапам и да го презентирам сето она кое го работев во изминатите 33 години. Разговарав со градоначалникот Горан Стојанов, ми кажа, нема проблем Ѓоко, што бараш ти од таа вечер, ме праша.
Не барам ништо, само една сцена. Јас имам свои гости, пријатели, професионалци, големи имиња во македонската музика. Тие ги откажаа своите настапи таа вечер, за да бидат присутни во Неготино.
Но, пред малку ми се јавија од општината и ми кажаа дека јас не влегувам во концепцијата за таа вечер! Многу ниско, бедно, срамно! –раскажува Ѓорчев.

Потсетува дека и минатата година најави концерт, но истиот беше првин одложен, а потоа и откажан. Вели дека не се одржал поради пандемијата.

Додава дека изминатите три месеци имал проби во Домот на културата во градот, за што известувал со видеа на својот профил. Се заблагодари на сите кои му помогнале, но не го криеше и разочарувањето поради тоа што надлежни од општината процениле дека тој не се вклопува во концепцијата на Неготинска вечер.

-Луѓе во кои верував, кои мислев дека ја почитуваат мојата музика, но не било така, не сум влегувал во нивната концепција за вечерта!
Има луѓе од светлата страна, но и луѓе од темната страна на животот!
Горд сум што пеев за мојот народ, град и Македонија. Неодамна се направи документарна емисија за мене и моето Неготино, таму беше кажано дека јас и винаријата Бовин сме бренд во градот.
Се што сум правел овие 30 години за промоција на градот, некому ништо не му значи!
Јас концертот кој го ветив ќе го направам независно од градоначалникот на Неготино и оние луѓе кои ме тапкаа по рамо, гледаа во очи и лажеа.
Јас сум професионалец и голем човек и музичар, ветеното на неготинчани и мојот град ќе го исполнам – порача музичарот.

Неговото видео предизвика многу реакции. Пораки со поддршка му оставија голем број на негови колеги.

Но, во телефонски разговор за ,,Фокус” градоначалникот д-р Горан Стојанов, вели дека сепак, нештата не се такви како што Ѓорчев ги прикажал. Открива дека со него немале договор, ниту пак му ветиле дека за време на Неготинска вечер тој ќе може да одржи свој концерт, со свои музички гости. Затоа, вели дека е изненаден од реакцијата на музичарот.

-Разговаравме со Ѓорчев, но никогаш официјално не му потврдивме дека таа вечер ќе се одржи негов концерт. Тој предложи да донесе свои гости, музичарот Перо Христов и други, но му кажав дека солистички концерт, еден вид на негов јубилеј на сцената, не се вклопува во концептот на настанот.
Програмата на Неготинска вечер е комплетирана, и лично јас секогаш сум за промоција на домашните музички имиња, но мора да се слушне и гласот на народот. Ќе настапат ДНК, Бојана Скендеровски и ,,Црвена јабука,, и веруваме дека јавноста е задоволна од изборот на музичките гости.
За Ѓорчев пак, кого го почитувам, доколку сака да прави свој солистички концерт во градот, како еден вид на ретроспектива на годините кои ги минал на сцената, општината секако дека ќе му помогне, во рамки на своите можности. Нема место за обвинувања, не се работи за ништо лично, туку едноставно концепцијата на вечерта е таква – ни изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости