-Животот го поминав во Неготино, но токму од Скопје пред неколку децении започна мојата кариера, која што и покрај се што ми донесе животот, се уште трае. Токму поради тоа мојот четврти по ред солистички концерт во Скопје го насловив ,,На Скопје со љубов” бидејќи сакам на некој начин да и се оддолжам на тамошната публика, која што е со мене речиси триесет години – раскажува поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, најавувајќи го својот концерт кој што ќе се одржи на 4-ти март во Дом на АРМ.
Вели дека зад себе има гостувања во сите градови низ Македонија, но сепак главниот град останува како најзначаен центар за сите музички случувања. Среќен бил што секое гостување во Скопје завршувало со громогласни аплаузи од публиката, и сакал да ги почести со еден романтичен концерт со емотивни песни и балади своите слушатели.
-Некако се поклопи и празникот на жената, Осми Март, па ова ќе биде како мој предпразничен подарок на сите жени, цели два часа со музика, концерт за душа.
На сцената со мене ќе настапат и моите гости Игор Џамбазов, Кате Соната, Катерина Танева, Мери Младеновска, Зоран Џорлев, Ирена Крстевска Стевановска, Трио Џентлмен и Филип Стевановски Бенд. За прв пат во Скопје имав концерт заедно со Антонија Шола, потоа вториот го одржав во Универзална сала, со третиот во МОБ славев 25 години кариера, еве го дочекав и четвртиот солистички концерт. Кога еден музичар ќе види полна сала, кога гледа како публиката пее со него, кога гледам дека Скопје ме сака, без двоумење сум подготвен пак да и дадам на таа публика дел од себе, од својата музика и љубов.
Во изминатиот период животот ми нанесе многу удари, изгубив многу драги луѓе, па затоа знам да кажам, само здравје, ќе има уште многу концерти, бидејќи моите пријатели и поддржувачи тоа го заслужуваат – раскажува Ѓорчев, познат во јавноста како македонски Том Џонс, поради сличната боја на глас со легендарниот музичар.
Покровител на концертот е винаријата Бовин, а влезниците веќе се пуштени во продажба и изнесуваат 400 денари.
Вики Клинчарова