Музичката легенда Ѓоко Ѓорчев, кој речиси три децении е присутен на домашната музичка сцена за себе секогаш вели дека е од оние луѓе на кои срцето им е на две места истовремено. Живее во Неготино, од каде што потекнува и неговиот татко Ицо, а голем дел од детството и младоста ги поминал во Карловац, Хрватска, во родното место на неговата мајка Зденка. Хрватска е неизоставен дел од неговиот живот, а летата минати во семејната вила во Шолта, во близина на Сплит, му буделе само убави спомени.
-Кога бев дете, со нетрпение го чекав летниот распуст. Уште на првиот ден, заедно со брат ми Влатко заминувавме кај нашата баба Анка, во Карловац. Таа ми беше баба по мајка, и како и повеќето баби, живееше за тој период, кога ние, внуците од Неготино ќе и дојдевме. Карловац е град на четири реки, Купа, Корана, Мрежница и Добра течат низ него, па можете да претпоставите каков забавен одмор имавме ние децата таму. Во Неготино една река, Вардар, а во Карловац дури четири! Рај за млади момчиња! Прошетки во природа, риболов, капење… На крајот на денот уморни се враќавме кај баба Анка, која не чекаше со полна трпеза со специјалитети. Кога доаѓаа мајка ми и татко ми, редовен ритуал ни беше посетата на Плитвичките Езера, кои се оддалечени околу 80 километри од куќата на баба ми. Тие прекрасни лета во Карловац ми го одбележаа детството, но и добар дел од младоста. Кога баба Анка си замина од овој свет, местото повеќе не беше исто и поретко одевме таму – раскажува Ѓорчев.
Но сепак, неговото семејство никогаш не ја прекинало врската со Хрватска, и веќе во младоста омилена дестинација му бил островот Шолта, во средна Далмација, каде што поседуваат семејна вила.
-Од Шолта до Сплит се оди со траект, патувањето трае околу 40 минути. Кога ги минував летата во семејната вила, речиси секој втор ден одев во Сплит. Дубровник, Опатија, се се тоа места кои ги чувствувам за свои. Мојата љубов кон медитеранот е голема, тој е дел од мене. Сите летни спомени ми се врзани таму. Од таму доаѓа и мојата голема љубов кон морската храна, која за среќа е присутна и кај сопругата Благородна и ќерката Александра. Кај нас секогаш мора барем три пати во неделата да се приготви морска риба или морски плодови. Македонското во мене ме прави гурман, сакам добра скара, разни специјалитети карактеристични за нашето поднебје, но она медитеранското исто така си го носам во себе – вели музичарот.
Тој зад себе има шест албуми и настапи на многу интернационални фестивали. Го нарекуваат македонски Том Џонс, поради бојата на гласот, а вели дека влијанието на медитеранот се чувствува и во неговите песни.
-Хрватското приморје е дел и од мојата кариера. Многу мои песни се во тој препознатлив медитерански стил. Посебно ми се мили спомените од познатиот ,,Корчула Фест’’, каде одев заедно со композиторот Григор Копров. Таму ги запознав и големите музички имиња од хрватската сцена, а со повеќе од нив и до денешен сум во контакт и станавме добри пријатели. Сега подготвувам нова песна за фестивалот ,,Охридски Трубадури’’, кој ќе се одржи на почетокот на септември, и инсистирав да биде направена во медитерански стил, тоа е она што се бара во лето, што предизвикува позитивна и релаксирачка атмосфера додека се слуша. Автор на музиката е Сашо Ѓорѓиев од групата ,,Нели ти реков’’, текстот е на Огнен Неделковски, а пак аранжманот е на Филип Стевановски – раскажува Ѓорчев.
Сепак, вели дека во последните неколку години поретко летува во Хрватска. Раскажува дека далечината си го прави своето, патот од 1.300 километри му станувал се понапорен. Затоа, Охрид станал неговата нова летна дестинација.
-Годините и далечината си го прават своето. Многу ми е жал што сега километрите некако ми изгледаат подолги, па започнав да летувам во близина. За викенди со сопругата и ќерката сакаме да прошетаме во Дојран, има убави места каде може да се руча вкусна риба, а одморите ги минуваме во Охрид веќе неколку години. Го сакам воздухот во Охрид, ја сакам атмосферата на нашиот бисер, ме релаксира и ме опушта. Кога ќерката Александра беше помала, се случуваше да заминеме во Грција, на вториот крак, но сега, езерските води некако повеќе ми одговараат. Езерото ме смирува, и тоа е она што ми е потребно во овој брз живот – ни изјави Ѓорчев.
Вики Клинчарова