Има луѓе во Македонија кои сметаат дека сум икона на нашата поп сцена, па уште од синоќа ми се јавија повеќе јавни личности, познати бизнисмени од Скопје, кои ми понудија да ми организираат голем солистички концерт со многу гости, и тоа во моето родно Неготино. Откако локалната власт во мојот град процени дека јас не се вклопувам во манифестацијата Неготинска вечер, и ми беше откажан концерт, ете, се најдоа и такви кои знаат да ме ценат мене и мојата музика – за ,,Фокус” вели поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, кој од синоќа е актуелна тема во градот.
Имено, тој вчера објави видео порака во која појаснува дека било договорено да настапи на манифестацијата Неготинска вечер на 18-ти септември, и да донесе свои музички гости во Неготино, но во последен момент од општината му јавиле дека не ќе може да пее на настанот, бидејќи не се вклопува во концептот на истиот.
Градоначалникот д-р Горан Стојанов пак, за ,,Фокус” изјави дека со Ѓорчев немале официјален договор за концертот, но во иднина, доколку планирал да прави солистички концерт во Неготино, општината ќе му излезела во пресрет во рамките на своите можности.
Според музичарот, настанот е големо потценување кон него и неговото дело, бидејќи, како што вели, повеќе од три децении тој е амбасадор на градот.
-Веста одекна надалеку, добив пораки со поддршка од цела Македонија. Ми се јавија мои колеги, композитори, новинари, бизнисмени… Сите прашуваат едно исто, како можеше да се дозволи вакво нешто, јас промоторот на Неготино, да бидам буквално ,,извисен” за концертот.
Тоа ти е исто како Тереза Кесовија, која е родена во Дубровник, да биде изиграна од својот град и да не може да направи таму концерт, иако се било планирано. Кога сами си го потценуваме своето, како може да очекуваме другите да не вреднуваат?
Вистината е дека немавме потпишано официјален договор со градоначалникот, но разговаравме, бев во контакт и со други општински претставници. Им кажав дека јас пари од градот не барам, ми треба само сцена со озвучување и осветлување. Исто така, им побарав патни трошоци за моите музички гости, по 2.000 денари од лице. Планирано беше да дојдат Перо Христов, Кате Соната, Катерина Танева, Трио џентлмен…
Значи, стануваше збор за сума од околу 10.000 денари. Вежбав, се подготвував, чекав официјално да ми кажат кој термин ќе го имам, од колку до колку часот ќе трае мојот концерт. На крај, дочекав да бидам изигран, да ми кажат дека едноставно не се вклопувам во концептот! –разочаран е Ѓорчев.
Додава дека воопшто не му е сеедно што неговиот труд да направи нешто добро за градот не бил препознат. Вели дека нема ништо против музичките гости ќе настапат на Неготинска вечер, но според него, кога некој град има музичка легенда, која се нуди да пее без финансиски надомест, нелогично е да се носат музичари од страна.
-Немам ништо против најавените гости, ДНК, Бојана и Црвена јабука. Но, очигледно, јавноста не мисли така. Стотици пораки добив, стотици коментари на социјалните мрежи… Сето ова кое се случи е несфатливо, ова е удар врз мојата децениска работа на сцената, на промоцијата која градот секогаш ја добивал од моја страна, удар врз моите години… Драго ми е што познати бизнисмени веднаш се понудија да ми помогнат, да ми организираат голем концерт каков што доликува на мојот музички багаж.
И да знаат моите сограѓани, неготинчани, концерт ќе има. Ќе ги донесам сите најголеми музички имиња од земјава, Неготино ќе има настан за кој ќе се прикажува. Ова е веќе завршена работа, мојата чиста душа не заслужи ваков третман. Лошо е кога не знаеме да си го цениме своето, но по објавата на видеото вчера, јас гледам дека мене сепак мојот народ ме цени, безрезервна поддршка добив. Токму поради тоа, на свој начин ќе се заблагодарам на сите мои слушатели, со песните кои ги оставив во нашите ризници – изјави Ѓорчев.
Вики Клинчарова