Годишнина од нападот кулите во Њујорк: Ги гониме терористите и по повлекувањето од Авганистан

by Фокус

Со биење на камбаните и едноминутно молчење, започна церемонијата по повод дваесет и првата годишнина од терористичките напади во Њујорк, каде што беа уништени кулите близначки на Светскиот трговски центар откако киднапираните авиони се урнаа врз нив на 11 септември 2001 година.

Роднините на жртвите и официјални лица се собраа и на другите места каде што киднапираните авиони се урнаа на 11 септември, односно Пентагон и поле во Пенсилванија.

Потпретседателката на САД, Камала Харис и нејзиниот сопруг, Даг Емхоф, се приклучија на церемонијата пред Националниот споменик на 11 септември во Њујорк, но, традиционално, ниту една политичка личност нема да зборува на церемонијата на нулта точката.

Американскиот претседател Џо Бајден ја одбележа 21-годишнината од нападите на официјалната церемонија во Пентагон, при што положи венец.

Денешната церемонија се одржа нешто повеќе од една година откако Бајден стави крај на долгата и скапа војна во Авганистан, која САД и нивните сојузници ја започнаа како одговор на терористичките напади.

Бајден истакна дека дури и откако САД го напуштија Авганистан, неговата администрација продолжи да ги гони одговорните за нападите од 11 септември.

Минатиот месец тој објави дека во тајна операција САД го убиле Ајман ал Завахири, водачот на Ал Каеда кој помогнал во планирањето на нападите.

Поврзани новости