Министерката за образование Весна Јаневска кажа дека во новата учебна година ќе има учебници за сите одделенија, освен учебници за странски јазици. Сепак, како што вели таа, тоа нема да биде проблем бидејќи децата учат јазици од серии и поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странскиот јазик.
„Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик, именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“, кажа Јаневска денеска на увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.
Министерката денеска соопшти и дека се укинува пролетниот распуст, откако Министерството за образование и наука во јули испрати прашалник до наставниците, родителите и учениците да го дадат своето лично мислење за организирање на пролетен распуст во учебната 2024-2025, поради различните ставови во пролетниот рапуст во измината учебна година.
Јаневска рече дека одговорите на родителите и повозрасните ученици покажале дека не сакаат пролетен распуст и оваа година нема да има.