Беким Хаџиу, сопственикот на „Беса транс“, компанијата во чија сопственост беше автобусот кој изгоре во Бугарија и во којшто загинаа 45 македонски државјани кои се враќаа од Истанбул, денеска во Кривичниот суд првостепено беше осуден на една година и осум месеци затворска казна, но не за трагедијата туку за кривично дело „фалсификување исправа“, односно затоа што автобусот ја минувал границата со фалсификуван извод од лиценца.
Правното лице, односно компанијата „Беса транс“, според пресудата, треба да плати 800 илјади денари и му е изречена четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз. Бранителот на обвинетите, Асмир Алиспахиќ најави жалба на пресудата и смета дека за ова дело за коешто затворската казна е од една до пет години, е превисоко одмерена.
Според него, за да се исполни битието на кривичното дело „фалсификување на исправа“, освен доказен материјал, потребен е и вешт наод.
– Во мојот завршен збор тоа го анализирав и од теоретски, и од компаративна судска пракса, каде што основниот елемент за ова кривично дело е постоење на изработена лажна исправа и употребена како вистинска. Во конкретнава ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Така што, јас сум убеден, како правник и како адвокат на Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретнава ситуација, рече адвокатот.
Обвинителот пак што го водеше овој случај, Владимир Милошевски рече дека ќе чекаат да биде изготвена писмената одлука на Судот за да видат што ќе преземат понатамум но вели дека судот во целост го прифатил обвинението.
– Тоа значи дека автобусот како што е напишано во обвинението, како што и Судот денеска при објава на пресудата кажа, покажувал пред надворешните управни органи извод од лиценца, а таков, за тој автобус, воопшто не бил издаден од надлежниот орган.Она што е покажано не е за тој автобус, без разлика дали е од нешто друго, дали е воопшто целосно фалсификувано, не постои. Во правниот сообраќај не постои извод од лиценца за конкретниот автобус. Токму тоа е и основата на подигањето на обвинението и токму тоа е теоријата на случајот којашто Обвинителството ја имаше во моментот на подигање на обвинението, рече Обвинителот.
Ова судење не беше за причините за трагедијата туку за тоа како автобусот што изгоре ја поминувал државната граница дури 135 пати со подметната лиценца. Во завршните зборови обвинителот наведе дека од материјалните докази произлегува дека автобусот излегувал со фалсификувана јавна исправа, изводи од лиценци кои не кореспондираат со ниту еден материјален, ниту, пак, вербален доказ.
– И сведоците на одбраната, возачите на автобусите, наведуваат дека возилата биле со спремни документи од правниот субјект, ставени во папка и со таквите документи, веќе претходно подготвени, го управувале автобусот. Очигледно, тоа доведува до заклучок дека овие возачи биле должни само да имаат документи за сопственото управување со возилото, образложи обвинителот.
Обвинителството за гонење на организиран криминал пак неодамна затвори и уште еден случај поврзан со работењето на компанијата „Беса транс“. Донело резолуција и утврдило дека нема да го гони поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски за предметот што беше отворен против него за станицата за технички преглед „Виа комерц“.
За овој случај во јавноста беше обелоденето дека иако инспектори од МВР предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, сепак решението за забрана за работа чекало потпис од Спасовски и било потпишано по кобната несреќа во Бугарија.
Бугарската истрага утврди дека виновен за загинувањето на 45-те патници е возачот на автобусот, кој е мртов. Тие не најдоа никакви пропусти во изградбата на автопатот, иако и меѓународни ревизори утврдија пропусти кај заштитната ограда на автопатот Струма.
Главен фокус на медиумите во Бугарија по несреќата беше токму оваа црна точка на бугарскиот автопат. Според анализата на Институтот за безбедност на патиштата, на местото каде што се случи трагедијата со македонскиот автобус, сопственост на компанијата „Беса транс“, во последните три години на автопатот Струма се случиле десет сообраќајни несреќи.
(АРХИВА) Случај „Беса транс“ – За 45 загинати виновни се само само двајца цариници и мртвиот возач
Ф.Ф.С.