Милиони Украинци од почетокот на војната се раселија ширум Европа, и зад себе ги оставија разурнатите домови во родниот крај. Според последните податоци, во Хрватска пристигнале околу 12.400 бегалци од Украина, а нивните приказни се траорни.
Во емисијата Директ на РТЛ гостуваше Татиана Русанова, професорка од Мариупол, која вчера пристигнала во Врбовец заедно со ќерка и, и со уште четворица сограѓани.
Таа тргнала кон Хрватска на 13-ти март, а патешествието и било исполнето со страв и неизвесност, додека со ќерка и се криеле во подрумите на зградите, без храна, на минусни температури.
-Сопругот ми го убија Русите, пред еден месец. Последното нешто на кое се сеќавам е како тој ми го подаде малото куче, додека бев во засолништето. Потоа замина горе, заедно со родителите. Започна бомбардирањето, и сите во засолништето лежевме на подот и чекавме да заврши.
Кога престана бомбардирањето, започнав да го довикувам сопругот. Не ми одговори. Го најдовме ранет, му беше погодена артеријата. Беше невозможно да се најде лекарска помош, да се спаси… Го закопавме во градината, покрај јагодите. Ние знаеме дека тој е таму, тоа е се – раскажа Русанова.
Додава дека луѓето кои останале таму немаат доволно храна и вода, биле принудени да пијат вода од радијаторите.
-Ситуацијата е грозна… Кога започна војната, буквално по три дена останавме без струја, плин, вода, телефонски линии… Луѓето бегаат од еден во друг регион.
Син ми, кој е во Лавов ми рече да го напуштиме Мариупол, но на почеток не сакав да го послушам. Му кажував дека се ќе заврши, дека ќе издржиме. Кога веќе се беше разрушено, сфатив дека морам да го послушам и да заминеме. Сега сме во Врбовец, и немаме каде да се вратиме – раскажа професорката.
Вики Клинчарова