Го следеше Тоше на патот до успехот, сега и самата освојува титули!

by Fokus

Габиела Зафирова, сопруга на вицешампионот во бодибилдинг Тоше Зафиров, која и самата пред околу осум години започна да се занимава со бодибилдинг, испиша историја во Америка, и е првата Македонка која влезе во топ десет на ,,Мр Олимпиа – аматер”.

Од 36 натпреварувачки од целиот свет, во силна конкуренција, таа успеа за прв пат да го испише името на нашата земја во првите десет кои се наградени на престижниот настан. Веста за нејзиниот успех ја објави и Тоше, кој не ја крие гордоста.

-Моја сопруга, мој тренинг партнер! Посветена мајка на нашите деца, посветена сопруга, грижлива жена, голем спортист, истраен работник – вели Зафиров, додавајќи дека малку се зборовите со кои може да ја опише гордоста, но и среќата што токму Габрила е жената која е негов животен сопатник.

Инаку, Зафиров е познат во јавноста како еден од билдерите со низа на професионални успеси зад себе, на светско ниво, кој запловил во спортските води уште од најрана младост. По потекло е од Тимјаник, Неготино, а Габриела ја запознал во далечната 1996 година, кога добил слободен викенд од војска.

За ,,Фокус” раскажа дека нивната средба се случила во култното кафуле ,,Ас” во Неготино, и нивната љубов трае цели 25 години. Ги имаат синот Блаже и ќерката Ангела, а на почетокот, односно до пред околу осум години, Габи не беше активен спортист, туку беше задолжена за неговиот посебен режим на исхрана, и како што вели, негов верен сопатник и најголема поддршка додека го чекорел патот до успехот.

Во интервју за ,,Фокус” од пред две години, тој појаснуваше дека бодибилдингот е доста тежок спорт кој бара многу откажувања, напорни тренинзи, исцрпувачки диети… Раскажа дека имало периоди кога дури и помислувал да се откаже, но неговата сопруга секогаш верувала во него и со тоа му давала мотив да продолжи и да не се откажува од неговиот сон. Кога и таа започна да се занимава со бодибилдинг, а набргу потоа започна и да покажува значителни резултати и на интернационално ниво, тој не ја криеше својата гордост.

-Спортот и нашите успеси во бодибилдингот ни се начин да ја покажеме љубовта кон семејството, кон татковината. Се надеваме дека уште долги години со Габи ќе можеме да се натпреваруваме, дека ќе и носиме успеси на нашата земја, на шега си велиме дека дури и кога ќе станеме баба и дедо, се уште ќе одиме на натпревари, и внучињата да се гордеат со нас-раскажуваше Зафиров.

Вики Клинчарова

Поврзани новости