Минатата седмица јавноста во Македонија беше пријатно изненадена од изведбата на песната на Тоше Проески, „Још увјек сањам да смо заједно“, изведена од кинескиот уличен музичар Ванг Ксиао Чонг.
Видеото за само седум дена има над 160 илјади прегледи и низа позитивни реакции од јавноста од Македонија, но и од остатокот од светот.
View this post on Instagram
Чонг во разговор за „Фокус“ раскажа нешто повеќе за неговиот живот, но и ја откри причината зошто избрал да пее песни од Тоше.
„Јас сум само едно нормално момче од Пекинг. Роден сум тука и тука живеам. Овој град е прекрасен и еден од најубавите во светот. Го обожавам начинот на живот тука“, го започна разговорот Чонг.
Негови пријатели ги запознале со музиката на нашата поп-икона, а по првите преслушани песни останал воодушевен.
„За Тоше првпат слушнав пред три години. Мои пријатели од Србија ми препорачаа негови песни. Кога го слушнав си реков: Каков ангелски глас. Навистина уживам слушајќи ги неговите песни кои звучат неверојатно. „Чија си“ ми е една од омилените песни“, додава тој.
Нашиот соговорник признава дека не знаел многу за Македонија, но е убеден дека тоа во иднина сигурно ќе се промени.
„Морам да кажам дека не знаев многу за Македонија. Само знаев дека Тоше е од оваа земја и дека е блиску до Србија. Но, сега учам македонски јазик, луѓето од Македонија се прекрасни и едвај чекам да научам за вашата традиција и културно наследство. Знам дека вашата култура е слична со српската“, истакна музичарот.
Неговата намера во изведбите е искрена – тој само сака луѓето да дознаат кој бил Тоше Проески во светот на музиката.
„Почнав да изведувам негови песни во Пекинг, за да им го доближам на луѓето кои никогаш не го слушнале. Само сакам луѓето да го слушнат неговиот глас. Тој бил таква неверојатна ѕвезда и можам да кажам дека на луѓето им се допаѓа. Знам дека загинал во сообраќајна несреќа во 2007-ма година и тоа е навистина жално. Македонија изгубила голема ѕвезда, вистински ангел“, го заврши разговорот нашиот соговорник.
Јорданчо Цветаноски