Музичката манифестација „Глумците пеат“ која годинава се одржа во Скопје по 17 години пауза, ќе има свое издание во Ле Гранд Арена во Ресорт Маврово.
Настанот ќе се одржи на 5-ти јануари 2024 година со почеток од 21 часот, и веќе можат да се направат резервации.
Влезниците се движат од 10.000 денари за стандардна, до 20.000 денари за ВИП маса за десет лица, а само карта изнесува 1.000 денари.
-За првпат надвор од своите граници, оваа култна манифестација ќе се одржи во Ле Гранд Арената Маврово. Шоуто во кое настапуваат голем број на актери, но и пејачи, допринесоа „Глумците пеат“ да стане препознатлив бренд во сферата на културно-забавниот живот во земјава.
Глумците пејат со години наназад беше настан за кој се бараше влезница повеќе, а и долго се зборуваше по завршувањето на секое издание. Како и во минатото, и овојпат се очекува шоу со неверојатно позитивна енергија од сцена, многу музика и добра забава, онака како што само глумците знаат да направат – информираат од ресортот.
На концертот ќе настапат Весна Петрушевска, Рубенс Муратовски, Тања Кочовска, Нина Дејан и други.
Во тек на наредниот период најавени се повеќе забавни настани во ресортот.
Во јануари гостуваат Пајак и Лара, „Дајте музика“, „Светот на Биби“, а пак во февруари ќе настапат Калиопи, Ацо Пејовиќ, Наташа Беквалац…
„Глумците пеат“ е култна манифестација чиј идеен творец беше актерот и радио водител Марин Бабиќ, кој почина лани во октомври на 74-годишна возраст, по кратко и тешко боледување.
Враќањето на проектот беше поздравено од јавноста, која порача дека е желна за културни манифестации.
Вики Клинчарова