Поверодостојно е дека реформи во суштинска смисла на зборот нема да има! Најверојатно системот на криминал и корупција ќе преживее и ќе продолжи да функционира, но сега, наместо со ,,нивните“, со ,,нашите“ ,,чесни“ политичари, стопанственици, судии и обвинители.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Кој како дојде на власт, се колне дека „решително“, „бескомпромисно“, „доследно“, „неселективно“ итн. ќе се бори против и ќе стави крај на криминалот и корупцијата во државата.
Како што покажа реалноста, резултатот од таквите ,,борби“ и справувања со криминалот и корупцијата, е нивното метастазирање во сите пори на државата и општеството.
Оттаму ниту малку не влева надеж актуелната партиско-политичка расправа за „справување“ со криминалот и корупцијата во државата гледана низ предлозите и заложбите на ДУИ, ВРЕДИ, СДСМ и ДПМНЕ, кои лавираат меѓу донесувањето уставни амандмани, распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, ветинг, па сѐ до доследно спроведување на постојните законски решенија.
Ако се знае дека политичките партии во Република (Северна) Македонија повеќе изгледаат како организирани банди, а не како политички субјекти, тогаш станува јасно дека од ваквите политички мешетарења, најнакрај ќе се изроди ништо, кое ќе наликува на „борба“ за справување со криминалот и корупцијата.
НИКОЈ НЕ Е ЗА ВЕРУВАЊЕ
За воопшто да има каква било борба против криминалот и корупцијата во оваа држава, најпрвин треба да се одговори на прашањето кој ги создаде криминалот и корупцијата, кој е нивниот носител и кој е нивниот заштитник?
Па, тие не дојдоа така простум сами по себе, ниту, пак, паднаа од небо!
Одговорот на ова прашање ќе нѐ доведе триесетина години наназад во времето на ТАТ, бандитската приватизација, провизиите на продажба на стратешките државни компании како Телеком, ОКТА итн., па сѐ до епскиот криминал на Мијалков, Камчев и на Груевски, како и нивните наследници од СДСМ и ДУИ.
Заедничкиот именител за сите нив е бесрамното искористување на државните ресурси и институциите на системот за стекнување противправна имотна финансиска и материјална корист од страна на дел од ,,лидерите“ на политичките партии и најблиските луѓе околу нив, а потоа и на кадрите од третиот и од четвртиот ешалон.
За да не бидат покуси од нив и за да не „останат на суво“, им се придружија обвинителите и судиите, зашто, нели без нив не може да биде сѐ како што треба и „по закон“.
И сега истите тие партии, судии и обвинители, кои се до гуша вмешани во криминал и корупција, треба да се борат против нив!? Како да им се верува!?
СОБРАНИСКА РАСПРАВА
Оттаму поверодостојно е дека реформи во суштинска смисла на зборот нема да има! Најверојатно системот на криминал и корупција ќе преживее и ќе продолжи да функционира, но сега, наместо со „нивните“, со „нашите“ „чесни“ политичари, стопанственици, судии и обвинители.
Ако која било од политичките партии што се застапени во Собранието на Р.С. Македонија навистина имаат искрена и чесна намера да се борат со криминалот и корупцијата во државата, имаат законска можност таа точка да ја постават на дневен ред во Собранието, како и да отворат јавна дебата на таа тема.
„Народните“ претставници имаат законска обврска да го направат тоа! Зошто не го направиле тоа и не ќе го направат истото и понатаму е прашање за размислување, чиј одговор е одамна јасен.
Едноставно, ниту кај „политичарите“, ниту кај јавните обвинители, ниту кај судиите се нема политичка и морална волја да се „борат“ против криминалот и корупцијата. Зашто е сосема јасно! Пари се во прашање!