Пишува: Венко Глигоров
Кога треба да ни се земаат пари во разни форми, Македонија ја споредуваат со Данска, Шведска и останати земји. Викаат, така било таму …Во ред е тоа. Но дај споредете се тогаш и во услугата што ја давате во однос на тоа што го земате … Споредете ја Македонија со истите тие Ваши омилени земји со ефикасност на администрација, исчистени градови, квалитет на здравство, борба со загадување, среденост на држава … Тогаш, сигурен сум дека ќе ви кажеме: Земете и повеќе, нека има државата. Да ни биде уште поубаво …
Вака, Вашите барања за давачки ги третираме како класичен рекет и бескруполозен арач.
Колку што разбравме претходно, поентата беше парите да се вратат во стопанството. Наместо тоа, се зголеми буџетот, а неговата структура не се ни промени. Па следиме само „дрпање“ од стопанството. Се’ некакви давачки, даноци, измислици за да се храни пренатрпаната администрација … Потоа демек даваат субвенции несразмерно помалку од тоа што се зема екстра.
Оваа погубна политика на зголемени зафаќања од приватниот сектор и од креативниот ум во Македонија нема да донесе резултати. Ќе не’ дотепа. Толку ли не можат да увидат?
Основно е да се направи прераспределба на одредени државни функции да преминат во приватен сектор – а со нив и вработените. Такви може да бидат 20 до 30% од вработените од државната администрација кои би работеле приватно. Ваквите службеници нека се изборат за својата плата преку квалитетна услуга. Да се создаде здрав пазар на работна сила. Да се борат луѓето да напредуваат со знаење и труд наместо со лигавење и лепење плакати (или шарање на општото добро).