Ја повикуваме Европа да се изјасни одлучно дека е спремна да стори сѐ за да поставиме темели на една наша „заедничка судбина“ – демократска и европска. Остварувањето на таа цел, се разбира, зависи, пред сѐ, од нас претставниците на разните народи, но и од помошта што ЕЗ ќе ни ја пружи. Војната, пак, е најголемата опасност за повторување на грешката. Затоа апелирам – мир сега…“.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
За „Планот“, кој предлагаше создавање на Заедница на суверени држави од бившите членки на федерацијата, требаше да се изјаснат претседателите на републиките.
Во својот настап, поддржувајќи го Планот, претседателот Глигоров го рече и следново.
„Лорде Карингтон, дами и господа,
Дозволете ми да кажам некои свои размислувања за ситуацијата во земјата. Народите на нашиве земји се изморени од сето ова што се случува и со право бараат бргу да излеземе од сегашнава војна.
Мирните делови на земјата, пак, со страв гледаат на секој нов ден и неизвесностите што тој ги носи, прашувајќи се дали војната ќе се прошири и врз нас.
Мораме да ставиме крај на целиот овој ужас веднаш. Фактот дека деновиве се бомбардираат и културно-историски споменици, каков што е Дубровник, зборува доволно јасно дека војната влегла во својата најбесмислена фаза – одмаздничката.
Излезот од кризата го гледам вака. Постои вакуум на власта, како последица на кризата на авторитет на таа власт, производ на оваа бесмислена војна.
Тој вакуум мора што побргу да се пополни со демократска содржина.
Тоа значи, легално избраните демократски органи на републиките, почитувајќи ги човечките и малцинските права да се стабилизираат и да се отвори процес на изградба на отворено демократско општество, каде што неизбежните политички конфликти ќе се решаваат преку демократските институции.
Едновремено, потребно е сите ние да се согласиме дека ќе ги следиме интеграциските процеси на Европа и ќе соработуваме на ниво на идната заедница.
ПОВИК ДО ЕВРОПА
Тоа е потребно во интерес на мирот, во интерес на народите што ги претставуваме и на Европа и да се поддржи од сите шест републики, без исклучок. Тоа практично значи дека запирајќи ја војната и овозможувајќи ѝ на демократијата да функционира во идните држави, ќе отвориме процес на градење единство на подрачјето на кое живееме.
Потребно е да се конституираат предложените органи на ниво на Заедница, а суверените држави во мир и со примена на начелото на консензус, да ги препознаат своите политички и економски интереси, давајќи го својот прилог кон градењето на единството на континентот.
Потребно е да се откажеме од идеите дека, од една страна, е можно наметнато единство, а, од друга, дека немаме никаква обврска кон оние со кои сме живееле досега и кон Европа.
Апелирам до сите, поаѓајќи од предложената основа да соработуваме и да бидеме подготвени за компромис.
Екстремностите најмалку помагаат во ситуацијата во која се наоѓаме.
Ја повикуваме Европа да се изјасни одлучно дека е спремна да стори сѐ за да поставиме темели на една наша „заедничка судбина“ – демократска и европска. Остварувањето на таа цел, се разбира, зависи, пред сѐ, од нас претставниците на разните народи, но и од помошта што ЕЗ ќе ни ја пружи.
Пред некој месец можевме повеќе и полесно да постигнеме повисок степен на интеграција од онаа во понудениов договор.
Војната, пак, е најголемата опасност за повторување на грешката. Затоа апелирам – мир сега…“.
Говорот продолжува со забелешки, кои имаа за цел да го подобрат текстот.
„Во областа на политичките односи, покрај предложените три Совети во областа на економската соработка, политичката соработка и безбедносната и правната соработка и внатрешната безбедност, сметаме дека треба да се предвиди формирање Конференција на шефови на држави и влади, како тело што би ги поставувало основите на политичката соработка и би ги утврдувало правците за решавање на политичките проблеми (Ова тело би можело да се состанува двапати годишно или почесто, според потребата)“, ќе каже претседателот Глигоров. Зборуваше и на економски теми, особено да се дообјасни идејата за царинска унија меѓу суверените држави.
Предложи економски мониторинг во идните држави, со цел спречување „натамошни растројства“ во економските односи.
Со оглед на нерамномерниот развој на дотогашните републики, а сега идни држави, претседателот предложи паралелно со царинска унија да се воведат „компензаторни механизми“.
„НАШИТЕ АЛБАНЦИ СЕ НЕШТО ДРУГО“
Претседателот Глигоров изрази резерви кон идејата на Карингтон во однос на малцинствата во републиките, за воведување „специјален статус“ по углед на положбата на германското население во Јужен Тирол, Италија.
Истакна дека во Планот има недоречености, барајќи попрецизно дефинирање на изразот „подрачја“ во кои живее малцинството, но и за недореченостите во поглед на употребата на националните симболи.
Ќе заклучи дека „со оглед на многу околности, ваквиот специјален статус за национални или етнички групи ќе нема потреба да биде баран за Македонија“.
По ова прашање не се согласував со претседателот. Тоа стана очигледно на дебатата што претходно ја имавме во неговиот кабинет, во еден поширок состав, на која го презентирав Планот што ни го прати Карингтон.
Интересно беше што идејата за „Специјален статус“ на Албанците во деловите на земјата во кои живееја, за која мислев дека е добро решение, не беше прифатена со „образложението“ дека „нашите Албанци се нешто друго“.
Јас, пак, аргументирав дека корените на сите етнички експлозии во Југославија се исти – мајоризација на мнозинството над малцинството.
Конечно, Југославија се распадна поради обидот на Милошевиќ Србите да доминираат над останатите народи, благодарение на нивната бројка, спирала, која, откога беше пуштена во погон, како торнадо ја разори федерацијата.
Останатите на состанокот го делеа мислењето на претседателот и со тоа се стави точка на дискусијата.
Претседателот Глигоров го одржа говорот на македонски јазик, а во кабините на Конференцијата беше преведувачот, кој го следеше претседателот на неговите патувања.
Инаку, вообичаено, кога претседателот сакаше да учествува во дебата со покус коментар, седнати еден до друг, текстот го срочувавме на конференциската маса, а јас го пишував на англиски.
Тоа што во тие околности забележав беше дека и претседателот, како и јас, на македонски пишува со латинично писмо.
(Продолжува)