Главниот уредник на руска „Новаја газета“ нападнат и испрскан со боја во воз

by fokus

Непознат сторител го испрскал со црвена боја рускиот лауреат на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, додека патувал со воз од Москва за Самара.

Либералниот руски весник „Новаја газета“ објави фотографии на својот главен уредник на која се гледа неговото лице, горниот дел од телото и рацете полиени со мрсна црвена боја.

Инцидентот се случил кога непознато лице влегло во купето за спиење каде се наоѓал Муратов, му рекло „Муратов, земи го ова за нашите момчиња“ и го испрскало со боја.

„Очите буквално ми горат“, рече Муратов.
Муратов веднаш на почетокот на руската агресија врз Украина објави видео во кое го осудува нападот врз Украина. Тој ден весникот беше печатен на руски и украински.

Полицијата започнала потрага по осомничените, јави руската агенција „Интерфакс“, цитирајќи го Министерството за внатрешни работи. Сообраќајната полиција организирала мерки за легитимирање и приведување на две лица.

Новинарите кои ја критикуваат власта во Кремљ постојано се цел на напади во Русија.

Поврзани новости