Според министерот за јавна администрација Горан Минчев превработеноста не е главниот проблем во јавниот сектор, иако вели дека е на високо ниво. Клучниот проблем вели дека е недоволната компетентност и стручност, непрофесионализмот и незнаењето поради кое не може да се даваат квалитетни услуги на граѓаните.
Тој посочи дека е потребна внатрешна преедукација во секоја јавна институција.
На новинарско прашање како ќе се реши проблемот се превработеноста во јавниот сектор, Минчев рече дека Министерството за јавна администрација има извештај кој дава пресекот на вработени од 2016 до 2023 година.
-Во 2016 година ние имавме околу 1.290 институции, а околу 129 илјади вработени во јавниот сектор. Седум години подоцна имаме 80 нови јавни институции, а илјада вработени помалку, што значи бројката во овие седум години е избалансирана. Клучниот проблем во јавниот сектор и во јавната администрација е недоволната компетентност, недоволната стручност. Ова е резултат на партиски вработувања 30 години наназад, на непотизмот, на етничките вработувања во смисла на злоупотреба на балансерот. Тоа сакаме да го смениме, рече Минчев.
Тој рече дека ако се прашува тој, би сакал професионална, добро средена, намалена по бројка јавна администрација која ќе пружа сериозно услуги на граѓаните.
Минчев појасни дека вработените кои се некомпетенти ќе останат на работа, но мора да се случи паралелен процес во рамки на самите институции. Тој смета дека секој вработен кој во моментот извршува работна задача, а не ја извршува соодветно, согласно неговото образование треба да каже сам кој е неговиот афинитет, во кој сектор се гледа и каков може да биде неговиот придонес.