Главниот политички егзекутор, слепиот послушник и најревносниот заштитник на криминалот на власта во изминативе 6 години, Љубомир Јовески, денес СДСМ го „пушти низ вода“, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„По 2 и пол години и 25 продолженија на матичната Комисија во Собранието, по еклатантно кршење и газење на Деловникот, власта сега се откажува од Јовески.
Но да не се лажеме, СДСМ преку ноќ не се претвори во добра вила, туку СДСМ се откажува од него само поради тоа што повеќе не им е потребен. Тој својата задача за која што го поставија, очигледно си ја заврши. Тој веќе не е подобен да биде уставен судија бидејќи повеќе не е јавен обвинител и нема да може да им ги крие предметите за нивните криминали и да ги штити криминалците во власта.
Имено, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе 6 години во сите свои јавни настапи и дискусии во Собранието кажувавме дека овој човек е канцерот на македонското судство, во чиј мандат довербата во судството ја достигна нулата. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј непокренати обвиненија, скриени предмети, смешни пресуди, ослободување на криминалци и уште многу скандали и срамни одлуки“ вели Мицевски.
Тој додаде дека власта дури сега го пушта низ вода Јовески, исто како што ги пушти низ вода и Катица Јанева, но и Вилма Русковска, во оној момент кога таа повеќе не им беше потребна.
„Така СДСМ функционира, и со луѓето и со институциите. Така било во минатото, така е и сега. Полека но сигурно, се гледа крајот на оваа лакрдија. Доаѓа време на ревизии, на преиспитување на некои одлуки и решенија, но и на одговорност за сите злодела и криминали кои што се случија во изминативе 6 години. Одговорност и за оние кои што тие криминали ги правеле, но и за оние кои што тие криминали ги штителе“ нагласи Мицевски.
Тој посочи дека никакви повлекувања и никакви премислувања нема да ги спасат од одговорност сите кои 6 години мислеа дека се недопирливи.