Ограничување на максималната брзина до 20 километри на час, во близина на сите пешачки премини, и максимална брзина до 30 километри на час, е една од новите мерки, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот на главната улица Маршал Тито во Неготино.
На истата улица секоја година, посебно во топлите месеци кога е доста раздвижено, се случуваат голем број на сообраќајки.
Само летово, таму имаше десеттина сообраќајни несреќи. Во одделни случаи беа прегазени пет пешаци, се случија несреќи помеѓу мопеди и патнички возила, а граѓаните кои живеат во близина и се сведоци на случувањата, со години наназад апелираат за поставување на легнати полицајци.
Раздвижената улица ја преминуваат и ученици, бидејќи во близина има основно училиште, како и музичко училиште.
Освен што се поставија сообраќајни знаци со ограничување на брзината до 20 километри на час во близина на пешачките премини, веднаш на почетокот на кејот на улицата е поставен и знак дека станува збор за зона во која максималната брзина на движење е ограничена на 30 километри на час.
Сепак, доволен е еден поглед на улицата, за да се утврди дека речиси ниту едно возило не ги почитува сообраќајните знаци и се вози по старо, со брзина поголема од дозволената.
-Нека застанат полициски службеници овде, во близина на знаците, да проверат колку се почитува ограничувањето на брзината. Ќе имаат полни раце работа, бидејќи не може да се забележи возач кој вози 20 или 30 километри на час, и покрај истакнатите знаци.
Постојано реагираме дека овде се потребни легнати полицајци, оти само така може да се стави крај на брзото возење низ градот – велат неготинци кои живеат на улицата Маршал Тито.
Градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов, уште минатата година за ,,Фокус” изјави дека е планирано поставување на легнати полицајци на спорната улица, но имало проблем со тендерот. Уште тогаш вети дека најверојатно легнат полицаец ќе биде поставен во близина на музичкото училиште на пролет, но до денес, не е поставен.
Вики Клинчарова