Во Кривичниот суд во Скопје денеска на рочиштето за случајот „Траекторија“ на СЈО беа пуштени 30-ина „бомби“ од разговорите за договарање како да се спроведат правните процедури со кинеските компании околу изградбата на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид во периодот јануари 2013 година.
Во разговорите најмногу се слушаа гласовите на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески со неговите соработници и со амбасадорот на Македонија во Кина Оливер Шамбовски, но и со поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
За случајот треба да се слушнат вкупно 315 „бомби“.
Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на Буџетот на државата од најмалку 155 милиони евра.